Отстранување на хемикалии (и неразградливи органски загадувачи) (НОЗ) преку локални пристапи


Намалување на емисиите на неразградливи органски загадувачи

Акумулацијата на неразградливи органски загадувачи (POPs) во атмосферата има погубни ефекти врз човековото здравје и врз животната средина. Oвие бионеразградливи органски соединенија, што главно се произведуваат и се испуштаат со согорувањето на пластичен отпад и со употребата на растворувачи, пестициди и фармацевтски производи, можат да предизвикаат рак, како и сериозна штета за екосистемите.

Во согласност со Стокхолмската конвенција за неразградливи органски загадувачи, ратификувана од Република Македонија во 2004 година, и на меѓународно, и на национално ниво се преземаат напори за намалување на неразградливите органски загадувачи. Оттогаш Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ), заедно со Организацијата за индустриски развој на ОН (UNIDO), ѝ помага на земјата во подготовката на Национален имплементациски план за намалување на неразградливите органски загадувачи. Но, како што препознава и самата Стокхолмска конвенција, најефикасен начин за намалување на неразградливите органски загадувачи е преку координирани проекти на локално ниво – задача за која Програмата за мали грантови на ГЕФ е исклучително погодна.

Пластичниот отпад веќе долго време е голем загадувач во оваа земја, главно како резултат на ниската јавна свест за штетата што ја предизвикуваат фрлањето и горењето на пластиката, недостатокот од координирани системи за собирање на отпадот и недоволната соработка меѓу граѓанските здруженија и општинските власти. Приближно 30% од целокупниот градски отпад е пластичен отпад, а бидејќи комуналниот отпад е самозапалив, ова може да доведе до пожари во депониите кои ќе испуштаат неразградливи органски загадувачи во атмосферата.

„Начелото од кое се водевме во финансирањето заради намалување на неразградливите органски загадувачи – како и во сите главни области на нашето дејствување – беше да воспоставиме модели на одржливи практики кои би можеле да се повторат во поголем размер,“ ‒ објаснува Националниот координатор на ПМГ, Златко Самарџиев ‒ „па, така, освен поддршката на активностите за кревање на свеста и практичните мерки за подобрување на собирањето и издвојувањето на пластичниот отпад, ние се сосредоточивме и на проекти што ја олеснуваат соработката за да обезбедиме одржливост и да покажеме успешни практики.“

Најопсежните модел-проекти на Програмата за мали грантови се концентрираа на тоа во училиштата да се врши собирање на домашен пластичен отпад во облик на празни шишиња заради рециклирање. Училиштата беа избрани поради нивниот потенцијал да ангажираат и да информираат голем број ученици, родители и наставници, додека собирањето шишиња беше избрано поради тоа што за пластиката од којашто се изработени – полиетилен терефталат (ПЕТ) – постои поголема побарувачка од страна на капацитети за рециклирање отколку за која и да е друга термопластика. Високата вредност на ПЕТ-пластиката, којашто може да се издроби и да се исчисти за да се изработат други производи, како фолии за пластеници, значи дека рециклирањето може да генерира приход за собирачите и транспортерите и на тој начин да обезбеди силен поттик што ќе помогне да се осигура одржливоста на напорите за рециклирање. Во согласност со посветеноста на Програмата за мали грантови кон поддржувањето на партиципативните проекти што воспоставуваат рамнотежа меѓу потребите на животната средина и потребата да се подобрат животите на локалното население, главните проекти за собирање шишиња, што беа финансирани во Македонија, беа така осмислени за да им донесат приходи на училиштата, општините и невладините организации, а истовремено да создаваат работа за невработените од ранливите заедници.

Првиот од овие проекти за собирање шишиња во училиштата беше изведен во општината Чаир во Скопје 2008-9 година и ја покажа успешноста на моделскиот приод на Програмата за мали грантови, обезбедувајќи основа за големо окрупнување во подоцнежните проекти. Спроведен од страна на Здружение на граѓани „Обука за одржлив развој” (ОРТ), во соработка со општината, овој проект организираше ученици од пет локални училишта во тимови од по пет собирачи. Се вклучија околу 9.000 деца, родители, наставници, вработени во општината и други доброволци, со голема покриеност на активноста од страна на медиумите и со делење на информативни материјали на македонски, албански и турски јазик, за да се крене локалната и националната свесност за штетноста на неразградливите органски загадувачи и за придобивките од рециклирањето. Количеството на ПЕТ-пластика што се собира во рамките на овој проект изнесува над 3.000 кг годишно.

„Првиот проект успешно одговори на големиот проблем што го претставуваше транспортот,“ ‒ објаснува госпоѓица Билјана Стевановска од ОРТ ‒ „кој се состоеше во тоа како да се намалат трошоците за транспорт при собирањето на шишињата, а нивното пренесување до капацитетите за рециклирање да се направи профитабилно. Решението, што го изнајдовме со помош на Програмата за мали грантови, беше да се купат евтини направи за сплескување на шишињата за да се намали нивната зафатнина. Со овие направи лесно можат да управуваат и самите деца, користејќи ги своите нозе или раце за да ги сплескаат шишињата до најмалата можна зафатнина.“

Во осмислувањето на логистичките детали на чаирскиот проект, носителите на иницијативата можеа да се потпрат на искуствата од првата иницијатива на Програмата за мали грантови, изведена во североисточната македонска општина Кратово во 2007-9 година. Овој претходен проект, спроведен од Здружението на граѓани „Сончев Рид Рајковац“, заедно со други партнери, ја покажа економската остварливост на собирањето на ПЕТ-пластика преку подобрување на инфраструктурата за собирање низ целиот регион и преку олеснување на поблиската соработка меѓу граѓанскиот сектор и локалните власти. Освен што создаде мрежа од 13 пункта за собирање шишиња, кратовскиот проект го финансираше и купувањето на половен камион за собирање на ПЕТ-пластика од четири општини и успешно ја крена јавната свест преку кампањи за информирање и преку користење на привлечни промотивни материјали.

Надоврзувајќи се на овие два ПЕТ-проекта и искористувајќи го наученото, во 2012 година Програмата за мали грантови финансираше уште еден проект, што вклучи училишта во Скопје. Овој проект попримаше сè поголеми размери уште во текот на неговото спроведување. Првично беше предвидено да покрие 12 училишта во општините Чаир и Центар, но популарноста на преземените активности доведе до вклучување на уште две општини – Карпош и Аеродром – со вкупно 29 училишта. Проектот оптимално ги искористи промотивните и образовните материјали за да ангажира околу 20.000 ученици во своите рециклирачки активности и да информира повеќе од 30.000 граѓани за негативните ефекти на неразградливите органски загадувачи. Во овие активности спаѓаа и многу популарните натпревари во правење скулптури од пластични шишиња, при што преку илјада скулптури добија голема покриеност во медиумите на национално ниво.

„Проектот навистина доби замав и на крајот собиравме и продававме речиси по 6.000 кг пластичен отпад за рециклирање годишно“ ‒ вели госпоѓица Стевановска ‒ „Парите добиени од продажбата на шишињата потоа си ги поделија училиштата за да можат да купат училишна опрема.“

Покрај повторувањето на кратовскиот и скопскиот училиштен проект во Гевгелија и Богданци, Програмата за мали грантови поддржа и различни проекти за намалување на неразградливите органски загадувачи во Струмица, Просениково и Куклиш во југоисточна Македонија, а и во Дебар на западот од земјата. Проектот на Програмата за мали грантови во Дебар, не само што собираше шишиња од четири училишта, туку воспостави и четири собирни пункта за пластични шишиња, за да ги користат ресторани, и купи три мопеди со приколки за собирање пластичен отпад, обезбедувајќи на тој начин вработување за невработеното локално население.

Case7 Macedonia

Централни области

Зачувување на биолошката разновидност
Ублажување на климатски промени
Спречување на деградација на земјиштето  (примарно обезшумување и ерозија)
Заштита на меѓународните води
Отстранување на хемикалии (и неразградливи органски загадувачи) (НОЗ) преку локални пристапи